Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашното гостување на ТВ 21, изјави дека викендов ќе се разговара за целосно отворање на границите, односно за слободен проток на граѓани без тестови и изолација, а конечната одлука за тоа би можело да биде донесена на почетокот на следната недела.
„Отворањето на границите е нешто што бара регионална координација на сите земји во регионот. Проценката е дека сите имаме сличен или ако не ист епидемиолошки ризик, исти карактеристики за време на првиот бран и временски во однос на интензитетот и со очигледно исти карактеристики, само што ние сме први кои изреагиравме. Но, многу е битно да имаме координација за да се следат сите контакти доколку тоа е потребно. Ние ќе разговараме за отворање на границите за време на викендот и одлука ќе донесеме на почетокот на следната недела“, изјави Филипче за ТВ 21.
Филипче истакна дека со отворањето на границите во целиот регион, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на граѓани, возила итн.
„Јас, практично на секои два три дена имам билатерални контакти и телефонски разговори со сите министри за здравство од соседните земји како Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија со цел да ги споделиме искуствата, динамиката на одвивањето на новооткриени случаи. Ние донесовме одлука дека сите странци од околните соседни земји доколку се затекнат во нашата земја и ќе покажат симптоми или се сомнителни или се јавуваат во болница, ќе добијат бесплатно лекување“, рече Филипче.
Тој очекува дека и сите соседи ќе покажат солидарност околу третирањето на нашите државјани кои се затекнати во нивните земји, заради тоа што, како што рече, една ваква силна пандемија со ваков ризик во сите земји е идентичен.
Министерот потенцираше дека со широкиот пристап на тестирање на сите контакти од висок ризик за кратко време се идентификувани огромен број на асимтоматски носители на вирусот.
„На почетокот на овој бран се соочивме со една ситуација, кластери од семејни настани од каде практично произлегоа позитивни пациенти. Направивме широк пристап на тестирање на сите контакти кои имале висок ризик. Сакавме да ги изолираме апсолутно сите луѓе кај кои ќе детектираме вирус, па дури и тие да се асимтоматски. Овој пристап за Министерството за здравство не носи многу поени заради тоа што има голем број на новодијагностицирани и некој ќе каже дека се разгорува епидемијата, но, апсолутно оди во интерес на јавното здравје. Со вакво тестирање на контактите, а имавме бројни контакти во рамките на семејствата, помеѓу семејствата и надворешни контакти со овие семејства успеавме за кратко време да идентификуваме огромен број на асимтоматски носители на вирусот. Тоа да не се случеше, тие луѓе ќе шетаа низ градот и ќе го ширеа вирусот на неконтролиран начин“, изјави министерот.
Civilmedia









