За точно еден месец односно на 15 јули ќе се одржат предвремените избори. Овој датум треба да биде утврден на лидерска средба кај претседателот Пендаровски. Од Кабинетот на шефот на државата за ТВ21 велат за тоа ќе се произнесат во текот на утрешниот ден.

„Во текот на утрешниот ден точно ќе се знае за свикувањето на лидерската средба, бидејќи претседателот ќе треба да се консултира со правните служби не само за одржувањето на средбата на лидерите, туку најмногу и за тоа како ќе се премости овој период од последната вонредна состојба и да се изнајде правно издржана формулација околу воведувањето нова вонредна состојба по која би се одржале и изборите“, истакнуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Не е можно натаму да се издржи ваква криза со техничка влада и без парламент и затоа мораше да се стави крај на сето ова и да се утврди конечно датумот за избори,  изјави на прес конференција Заев. Тој рече дека имал телефонски разговор со Мицкоски на кој откако се договориле за датумот му потврдил дека опозицијата ќе учествува на изборите.

„За да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кој гарантирано ќе учествува опозицијата.  Договоривме со Мицкоски јас и тој да го информираме претседателот Пендаровски за договорот што го постигнавме, а претседателот Пендаровски ќе ги информира и останатите политички партии“, посочи Зоран Заев.

На изборите на 15 јули ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ, двата услови кои ги баравме се прифатени,  напиша Мицкоски на својот фејсбук профил набрзо по прес конференција на Заев. Претходно Антонио Милошоски од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за нив 15 јули е прифатлив датум, но доколку дотогаш се обезбедат меѓународни набљудувачи на ОБСЕ ОДИХР и се воведат сериозни здравствени протоколи.

„Оној ден кога ОБСЕ ќе стигне во Македонија со својата мисија, следниот ден може да ја почнеме изборната кампања, која што трае три недели. И ќе стигнеме така до самиот датум на изборите, кои не сакаме да се одржат без мисија на ОБСЕ затоа што би биле изборен грабеж и поткуп на фамилијата Заеви со тие пакетите што ги разнесуваат по сиромашите семејства. Затоа сакаме да имаме избори кои што ќе ги запазат здравствените протоколи и меѓународните стандарди на ОБСЕ и ОДИХР“, додаде Антонио Милошоски.

Изборите за прв пат нема да се одржат во недела, туку во среда. Гласањето ќе трае три дена и тоа во понеделник и вторник, односно на 13 и 14 јули ќе гласаат болните, изнемоштените, оние кои се позитивни на коронавирусот или се наоѓаат во самоизолација. Во среда на 15 јули, кој ќе биде неработен ден, граѓаните ќе можат да гласаат од 7 часот наутро до 21 часот вечерта.

ТВ21