Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, денес оствари работна посета на Република Србија, на покана на неговиот домаќин, потпретседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
На средбата реафирмирани се заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот. Споделени се и искуства за борбата со пандемијата на Ковид 19, информации за епидемиолошките состојби во двете земји како и можностите за нормализирање на режимот за движење меѓу двете земји.
По состанокот во Градската куќа во Ниш, Димитров и Дачиќ изјавија дека со оглед на тоа што граѓаните на Северна Македонија границата со Србија ја минуваат без тестови за Ковид-19 и без обврска по влезот во земјата да одат во изолација, такво олеснување на мерките за српските граѓани се очекува до крајот на месецот.
Како што објасни Димитров, имало план да им се овозможи на граѓаните на Србија слободен влез во земјата од 15 јуни, но дека тоа сега е неизвесно.
„На патот наваму, му се јавив на министерот за здравство, бидејќи колегата Венко Филипче и јас сме вклучени во прашањето за границите. Ќе разговараме поинтензивно деновиве и паралелно со следењето на ситуацијата со вирусот дома и во регионот, овие денови треба да пресечеме и да донесеме одлука. Мислам дека секако тоа ќе се случи овој месец, иако е неблагодарно тоа да се предвидува со оглед на непредвидливоста на епидемијата“, рече Димитров.
Тој додаде дека епидемијата на целиот свет, на Европа и на Балканот им ја покажа важноста на заедништвото, и се заблагодари на Србија за соработката на штабовите за борба против Ковид-19 во периодот од март до мај. Тој исто така рече дека очекува Северна Македонија и Србија, како соседи со заедничка историја, наскоро да имаат заедничка европска иднина.
Српскиот министер Дачиќ потврди дека граѓаните на Северна Македонија во Србија влегуваат без тестови и мерки за изолација, со исклучок кога покажуваат симптоми на вирусот Ковид-19. Додаде дека е важно да се набљудува какви прописи имаат другите земји во регионот, „имајќи предвид дека ниту Србија, ниту Северна Македонија не се изолирани острови“.
„Со Босна и Херцеговина имаме договор за слободен премин, како со Унгарија и Бугарија. И Грција најави дека од 15 јуни ќе го применува тоа. Затоа за нас е важно и со Северна Македонија да видиме во која насока ќе се одвива нашата комуникација, и да видиме дали луѓето ќе можат да патуваат“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека кога станува збор за билатералните односи, овие земји ќе ги зајакнуваат своите односи „ќе продолжат таму каде што застанале“, вклучувајќи ги и договорите за мини Шенгенот.
„Ја поздравуваме одлуката на Европската Унија за отворањето на преговорите за членство на Северна Македонија, ние генерално сметаме дека целиот тој процес треба да оди побрзо“, нагласи Дачиќ.
Најави дека за овие теми ќе се разговара на трилатералниот состанок меѓу Србија, Северна Македонија и Грција, што веројатно ќе се одржи на островот Крф.
Министерите за надворешни работи, по состанокот и прес-конференцијата, прошетаа низ центарот на градот и го посетија Здружението на Македонците во Ниш.









