Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска ја образложи својата идеја за прв албански премиер во Северна Македонија, јавува Aгенција Анадолија (AA).
Преку видео пренесувано во живо на социјалните мрежи, Ахмети потсети дека Охридскиот договор се спроведува, албанскиот јазик веќе ужива еднаков и формален статус, како и албанското знаме, а нагласи и дека е потпишан Преспанскиот договор и е сменет Уставот на земјата.
„Ние сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во Европската Унија (ЕУ). Албанците денес повеќе од кога и да е раководат со врвни позиции, како што се судии на Врховниот и Уставниот суд, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, клучни државни институции и претседател на Собранието“, рече тој, додавајќи дека сега е време да се постигне повеќе.
„Време е за првиот премиер Албанец во Северна Македонија“, додаде тој, нагласувајќи дека тие „ќе запишат историја за да ја креираат иднината“.
Ахмети рече дека може да му се покаже на светот дека Северна Македонија всушност би можела да биде општество каде што секој може да ги оствари своите соништа и да се чувствува рамноправно.
Тој истакна дека оваа идеја е многу поголема од која било партија или која било личност, додавајќи дека идејата нема никаква врска со ДУИ или со него.
„Ова е албанска национална кауза. Ова е нашиот национален сон. Сонот за целосна еднаквост, сонот за општеството што ги претвора зборовите во дела. Првиот премиер Албанец ќе биде премиер за сите, премиер за еднаквоста, еднакви работни места, еднакви плати, еднакви права и неселективна правда“, рече понатаму Ахмети.
Лидерот на ДУИ не откри кој ќе биде нивниот кандидат за премиер.
Потсетуваме дека Али Ахмети за прв пат на 5 јуни, по повод 18-годишнината од основањето на неговата партија, ја откри идејата за прв премиер Албанец, додека поранешниот премиер и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, изјави дека „доколку ова е условот за коалиција, ДУИ нема да биде дел од следната влада“.









