Оваа година уписот на ученици во прво одделение нема да  се одвива како другите години. Освен документите за упис, родителите треба да се погрижат нивните деца како и самите тие да носат заштитна опрема од коронавирусот, односно без маска и ракавици нема да им биде дозволено да влезат во училишните објекти. Во ОУ “25 Мај“ во Сингелиќ, за учебната 2020/21 ќе бидат запишани 215 ученици. Директорот вели дека родителите ги поделиле во неколку групи со цел да не се соберат сите во еден ден за упис.

„Одредивме распоред, ден, час, поточно кој ден да дојде родителот во училиштето за да не правиме групирање на многу родители, туку во еден ден имаме одредено упис на максимум 10 ученици, и така секој ден. Значи уписот почнува во 10 часот наутро и трае до 14 часот, кога секој родител има простор од 60 минути да биде присутен, за тоа време ќе нема средба со друг родител.“, вели директорот Фадиљ Муртезани.

Директорот на ОУ “25 Мај“ Фадиљ Муртезани рече дека во текот на уписот, училишното обезбедување ќе внимава на физичкото растојание меѓу присутните. Инаку МОН поради пандемијата објави протокол за упис на ученици во прво одделение.

„Меѓу секој термин со секое дете потребно е да има пауза од 20 минути. Средства за дезинфекција на обувките и рацете се задолжително поставени на влезот од училиштата. Училиштата на влезот поставуваат информативно-едукативни материјали за почитување на заштитните и превентивните мерки: заштитни маски, физичко растојание, дезинфекција на рацете, потребна хигиена.“, соопштуваат од МОН.

Инаку општина Аеродром објави посебен протокол за упис на учениците, каде освен средства за дезинфекција, имаат предвидено и мерење температура на родителите и децата. Наутро кога училиштата ќе ги отворат вратите за основците, треба да почнат со чистење и дезинфекција на просториите.

TV21