Ноќеска на Клиниката за кардиохирургија во Скопје за првпат е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. Операција траела 6 часа и завршила во 2 часот по полноќ, а со неа беше трансплантирано ново срце во телото на 54-годишен пациент. Од истиот донор се трансплантираат и два бубрега кај пациенти со хронична бубрежна слабост, кои со години биле на дијализа.

Првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство др. Венко Филипче, како што соопштија од Министерството за здравство, ја започнал и водел националниот координатор за трансплантација др. Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори: др. Билјана Андоновска, др. Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесирале пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

-Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство – истакна Филипче.