Катар донира осум тони заштитна опрема, за Македонија

by Administrator

Повеќе од осум тони тежи заштитната опрема што вчера пристигна на Скопскиот аеродром како донација од Катар за справување на земјава со пандемијата од ковид-19. Донацијата ја пречекаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како национален координатор на странска помош во земјава, во присуство на Хамад  Ал – Махмоод, вршител на должност амбасадор на Државата Катар во земјава.

„Се работи за голема количество, преку осум тони заштитна опрема која се состои од: близу 500.000 хируршки маски, околу 90 илјади трослојни медицински и хируршки маски, над 70 илјади заштитни маски Н95. Покрај маските, пакетот содржи и десетици илјади заштитни очила, заштитни шлемови, заштитни скафандери, заштитни ракавици“, изјави Османи.

Тој нагласи дека се работи за опрема која сериозно ќе ги зацврсти нашите капацитети, особено во здравството и здравствениот систем, кои секако ја претставуваат првата линија на одбрана од коронавирусот.

„Обезбедувајќи ги овие донации од нашите меѓународни пријатели, обезбедуваме и сериозни заштеди во буџетот, што во време на соочување со економските предизвици од пандемијата е исто така многу важно“, додаде Османи.

В.д. амбасадорот Хамад Ал Махмоод нагласи дека денешната хуманитарна помош е донесена преку Катарскиот фонд за развој и во насока на  поддршка на Владата на Северна Македонија во борбата против пандемијата, притоа потенцирајќи дека нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од Државата Катар и изрази надеж дека оваа глобална пандемија наскоро ќе заврши.

You may also like