Утре на владина седница ќе се донесе одлуката за тоа колку ќе трае полицискиот час за време на првомајските празници. На денешниот утрински состанок на Комисијата за заразни болести е предложено полицискиот час за време на првомајскиот викенд да биде од 19 часот в четврток до 5 часот в понеделник
„На утринскиот состанок на штабот јас го изнесов мислењето, кое е мислење и на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека викендот треба да биде целосно затворен, како што беше оној за Велигден. Во меѓувреме, видов некои реакции на министерот Чулев, но сметам дека овде не треба да станува збор за било какво лично мислење, став или желба, туку мислењата се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Така функциониравме до сега“, вели Филипче.
Тој е свесен дека граѓаните не сакаат да седат дома. „Кој би сакал да седи дома затворен 3 дена, но има причина зошто е тоа така предложено“, рече Филипче.
Наспроти ова мислење на Филипче, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот фејсбук-профил напиша дека овој викенд нема потреба од продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници. Тој предлогот го доставил до Координативниот кризен штаб во Владата.
Предлогот на Чулев е полицискиот час да почнува исто како изминатиов викенд, кога забраната за движење започна во сабота од 15 часот, а траеше до 5 часот наутро во понеделник.
„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 Мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните“, напиша Чулев на својот профил на Фејсбук.
Nova.










