Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе треба да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесува и на директорот на Регионалниот Центар за управување со кризи Горан Стојановски.

Тој во изјава за Телма веднаш по завршување на прес-конференцијата на која се обратија министерот за здравство Венко Филипче и директорката на ДСЗИ, Иринка Бухова, обвини дека станува збор за „класично монтиран случај“.

„Повеќе од очигледно е дека надлежните направија многу пропусти во постапките, се случи најгрубо прекршување на многу законски одредби особено во делот на објавување на лични податоци. Воедно тоа што беше објавено не е точно. За се поседуваме уредна документација. Надлежните немаат потреба да бркаат вештерки во системот внатре, кој го немаат поставено така како што треба. Тестирањето на штабот беше направено и првиот и вториот пат во просториите на во кои тој континуирано заседава. Повеќе од јасно е дека станува збор за класично монтиран случај за кој ќе ги преземам сите законски дејствија. Ќе ги почитувам одлуките на органите, но на ова гледам како на најгрубо кршење на законите но и на елементарните човекови права“, вели Димитриевски.

Тој порачува дека не станува збор за политичка пресметка, туку за различни ставови на Општинскиот кризен штаб и Кризниот штаб со кој раководи министерот за здравство Венко Филипче.

Начинот и условите во кои се земале брисовите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и на останатите членови на Кризниот штаб, неправењето на епидемиолошки анкети, како и транспортот од страна на Итната медицинска помош до приватни лаборатории во Скопје, се дел од неправилностите кои се утврдени за време на двата вонредни инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Станува збор за два надзори, првиот од 17 април, а вториот од пред два дена.

Првата контролата била во Центарот за јавно здравје во Куманово, а целта била да се утврди фактичката состојба за работата на оваа установа односно дали се почитувани протоколите и алгоритмите при тестирањето на Димитриевски и членовите на кризниот штаб.

„Првото тестирање е извршено на 26 март 2020 на лица од кризниот штаб во Куманово. Тестирани се 28 лица, за сите резултатите биле негативни. Второто тестирање е направено на 12 април и тогаш се земени 38 брисеви од кои се добиени 5 позитивни резултати и издадени се решенија за 37 контакти“, рече директорката на ДСЗИ Иринка Бухова.

Конкретно кај градоначалникот Димитриевски е утврдено дека го прекршил решението за домашно лекување и го напуштил местото на престој што е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести и заминал во Скопје да се тестира.

Инспекторите кои при вонреден надзор ја провериле патеката на движење на Димитриевски утврдиле дека тој добил упат од болницата во Куманово за ренген на белите дробови и за лабораториски анализи во Клиниката за инфективни болести во Скопје. Со еден телефонски повик на Инфективна клиника во Скопје, инспекторите откриле дека тој не се појавил таму на преглед.

„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност. Вториот прекршок што е нотиран е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму секако како и за постапување на докторите од Инфективното одделение во Куманово веќе е во тек вонреден стручен надзор“, рече Иринка Сотирова Бухова – директорка на ДСЗИ.

Следејќи ја патеката каде всушност патувал Димитриевски, инспекторите направиле увид во болницата на Жан Митрев и во лабораторијата Биотек и Систина. Еден од резултатите укажал на постоење на антитела на вирусот кај пациентот.

Сотирова Бухова рече дека Димитриевски и Стојановски сè уште не се евидентирани како излекувани, бидејќи треба да се запазат протоколи за дополнителни тестирања, 14 дена по констатирање на вирусот.

Таа рече дека Димитриевски можеби во меѓувреме се излечил, затоа што серолошките тестови што ги направил во Систина покажуваат дека имал IgM антитела, што покажува дека „лицето имало близок контакт со вирусот“ пред кратко време.

Недостатоците кои се констатирани, како што презентираше таа, се што и првото и второто тестирање на членовите на Кризниот шаб во Куамново се спроведени без редовна задолжителна епидемиолошка анкета од страна на епидемиологот. Понатаму, тестирањата во ЦЈЗ се заведени како скрининг, а тоа е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести (член 27) кој предвидува дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Исто така, недоследност е и што брисевите се земени во просториите на Општина Куманово што, нагласува Сотирова-Бухова, е спротивно на протоколите бидејќи секој пункт каде се зема брис мора да има дозвола од Министерството.

Nova