По Здружението на судиите, писмо до министерката за правда, Рената Дескоска испрати и Здружението на јавни обвинители.

Наспроти ставот на Републичкиот јавен обвинител, дека во моментов не е суштествено намалувањето на платите туку солидарноста, Здружението на јавни обвинители смета дека уредбата со која се кратат платите на јавните обвинители е спорна. Намалувањето на платите, велат, е неопходно за сите да го понесат товарот, меѓутоа тие не треба да бидат во висина на минималецот од 14 500.

-Според наше мислење, наведената Уредба со законска сила од правен аспект е дискутабилна затоа што со Законот за јавно обвинителство намалување на плата на јавен обвинител , согласно чл.73 е возможмо само како дисциплинска мерка по спроведена дисциплинска постапка. Меѓутоа , наведената Уредба со законска сила е донесена како резултат на една од мерките за справување со пандемијата со вирусот COVID-19 и прогласување на вонредна состојба во нашата држава . Согласно член 3 од оваа Уредба , за месеците април и мај 2020 година на јавните обвинители им се исплатува плата во висина на минималната плата утврдена за месец декември во 2019 година во Република Северна Македонија во износ од 14.500,оо денари. Во член 52 став 4 од Законот за јавното обвинителство (Сл.Весник бр.150/2007) е пропишано , дека платите на јавниот обвинител за време на траење на функцијата на јавен обвинител не смее да се намали, освен во случаи определени со Закон, објаснуваат обвинителите во писмото, чиј претседател е обвинителот Тодор Витларов.

Тие во писмото, порачуваат дека се свесни дека оваа пандемија ќе ги погоди економски, сите институции и се „за“ нивно намалување на платите, но не на минималец.

-Намалувањето на платите на јавните обвинители е нужно заради распоредување на товарот на сите институции. Од негативните економски импликации кои ги има борбата против оваа панедемија за домашната и светската економија. Меѓутоа, почитувана министерке, сметаме дека износот на платите на јавните обвинители не би требало да изнесува во висина на минимална исплатена плата од месец декември 2019 година од 14.500 денари, се вели во писмото.

Тие ја потсетуваат Дескоска дека нивната работа не само што не е намалена, туку сега тие имаат повеќе работа и сега приоритет им даваат на кривичните пријави кои се однесуваат на прекршувањето на мерките и кои се против здравјето на луѓето.

Од Министерството за правда, пак, велат дека ја запознале Владата со писмото и посочуваат дека сите вакви дописи прво се разгледуваат од страна на кризниот штаб. Засега, велат, нема никаква одлука по ова барање.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески вчера пак во изјава за Фокус порача дека во ваков момент сите треба да бидат солидарни.Од Министерството за правда, пак, велат дека ја запознале Владата со писмото и посочуваат дека сите вакви дописи прво се разгледуваат од страна на кризниот штаб. Засега, велат, нема никаква одлука по ова барање.

-Мој личен став е дека во ова време на вонредна состојба не е од суштествено значење дали платите на јавните обвинители и на судиите се намалени согласно или спротивно на Закон. Најважно е да покажеме сите солидарност и да имаме предвид дека стопанските организации подолго време не можат да ја извршуваат својата дејност, рече Јовески за „Фокус“.

Претходно и судиите побараа да се смени уредбата и да им се овозможи тие сами, преку своите органи – Судскиот совет и Судскиот буџетски совет, на доброволна основа да отстапат дел од своите плати.

И тие сметаат дека Уредбата е спорна бидејќи е спротивна на Уставот каде се гарантира независноста на судската власт, како и на Законот за плати на судиите (член 2, став 2) во кој пишува дека платите на судиите не може да се намалат со закон или со одлука на државен орган.

Премиерот Спасовски вчера, исто така, ги коментираше ваквите барање велејќи дека сите забелешки ќе се разгледаат.

NovaTV