Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција одговарајќи на прашање на Нова рече дека нема заболени лица во рамките на Македонската православна црква и Исламската верска заедница.

„Според она што го имаме како информација досега нема информација за заболени свештени лица. На почетокот на кризата, за време на кризната состојба во Дебар, имавме најава дека во Бигорскиот манастир имало лица кои имале респиратони проблеми. Направени се тестирања, но нема потврден случај на заразен меѓу нив. За други заболени свештени лица досега немам информација“, рече Филипче.

Од МПЦ ги повикаа верниците да ги почитуваат мерките и во вонредните услови на пандемија да се пречека и празнува Велигден со најблиските во семејството. Но претходно не ги затворија вратите од црквите. Дел од граѓаните кои дојдоа да се причестат тоа го направија со едно лажиче, без отстапување од традицијата во вакви вонредни услови, чин што наиде на бурни реакции во јавноста.

NovaTV