Пендаровски: „Ние спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки во Европа“

by Administrator

Претседателот на државата ја охрабрува Владата по празникот да го разгледа планот за постепено враќање на стопанската активност во земјава

Претседателот Стево Пендаровски смета дека забраната за движење на цела територија во траење од над 80 часа ја става земјата во групата земји со најригидни мерки во Европа и додаде дека тие треба да се применуваат по исклучок и во разумен временски период.

„Со забраната за движење од над 80 часа на цела територија, како што е за празникот, ние спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки во Европа. Оправданоста на оваа мерка не само мене туку и на голем број граѓани им е совршено јасна, но  најдрастичните мерки треба да се применуваат по исклучок и во некој разумен период. Сè над тоа ќе биде контапродуктивно, иако можеби ќе ги реши проблемите во здравството“, рече Пендаровски на вчерашната депрес-конфереција по седницата на Советот за безбедност, на која исто така соопшти дека ќе донесе нова одлука за вонредна состојба за уште 30 дена.

Тој, исто така, рече дека истиот став го има и за целосното затворање на стопанските субјекти. Поради тоа, тој ја охрабри Владата по празниците да го дефинира планот за фазно, постепено враќање на стопанската активност во земјата.

„Не само ние туку и светот ќе мора да живее со вирусот подолго време, и треба да изнајдеме модалитети општеството да продолжи да живее со сите рестрикции и превентивни мерки“, рече Пендаровски.

Во врска со христијанскиот празник Велигден, кој традиционално се прославува со одење во цркви и кај роднини, Пендаровски рече дека црквата мора да се сообрази со правилата кои важат за сите останати.

„Со пандемијата, на сите ни се или одземени или редуцирани некои права, како правото на слободно движење или образование, но имаме повисока цел, да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Ниту една религиозна заедница не е над другите, ниту еден верник не е поважен од некој атеист и обратно. За една недела започнуваат рамазанските пости кои ќе бидат исто така во вонредна состојба. Една работа да ни биде јасна – само заедно и со меѓусебен респект можеме да ја надминеме оваа криза“, рече Пендаровски.

360Stepeni

You may also like