Нова вонредна состојба од 30 дена прогласи Националниот совет за безбедност на чело со шефот на државата Стево Пендаровски.

Ваквата одлука беше очекувана по актуелните случувања со коронавирусот во земјата и доаѓа како резултат на барањето на седницата на Влада од 14 април кога Владата побара шефот на државата да ги разгледа опциите и следните чекори кои кореспондираат со актуелните случувања со Ковид 19.

Во врска пак со ситуацијата во Куманово, шефот на државата смета дека ќе треба да се стави посебен фокус и внимание со дополнителни ресурси.

Поради последните случувања таму со новоинфицираните 40 меѓу кои и градоначалникот Максим Димитриевски денеска на седницата на Советот кај шефот на државата не присуствуваше техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите Османи и Филипче бидејќи тие вчера присуствувале на состанокот на општинскиот кризен штаб во Куманово и биле во друштво на кумановскиот градоначалник. Тие се ставени во самоизолација.

Претседателот Пендаровски пак смета дека по празниците веќе ќе треба да се размислува за постепено и фазно враќање на економските субјекти и како што посочи мора да почнеме да се навикнуваме да живееме со короната.

Првпат вонредна состојба во земјата шефот на државата прогласи на 18-ти март кога во земјата тогаш имаше 41 случај на инфицирани.