Изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи дека „ако Владата не ни помогне, ќе ја укинеме забрана за посета на џамиите“, внесе немир во јавноста.

Во врска со „излетот“ на Реџепи, кој беше протолкуван и како закана, министерот за здравство Венко Филипе порача на прес-конференција дека „сега е време сите да се стрпиме, да издржиме, знам дека е тешко, но мора да инвестираме во сопственото и во колективното јавно здравје“.

Ги следиме, нагласи Филипче, реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, ова е период кој мора да се издржи, крајната цел е да се заштити здравјето на граѓаните.

„Сите се свесни за сериозноста на ситуацијата, секој со својот професионаен или личен капацитет треба да се заложи максимално за почитување на мерките“, порача министерот Венко Филипче.

Реисот Реџепи побара финансиска помош за вработените во Исламската верска заедница преку субвенции од минимална плата, во спротивно, како што рече, постои опција да се повлече забраната за посета на џамиите и земјава, како што вели, да стане Бангладеш. Во телевизиско интервју рече дека барањето е пуштено до ресорното министерство, но досега одговор нема.

„Јас го побарав нашиот дел, Владата да биде внимателна што прави, имаме повратен одговор во кој се вели дека барањето е прифатено и дека е испратено на разгледување во секторот за финансии на Министерство за економија. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш“, вели  Реџепи.

Од СДСМ реагираат дека во ваква кризна ситуација, не смее да има компромис кога се во прашање животите на граѓаните.

По изјавата на Реџепи, на социјалните мрежи се огласи и пратеникот Мухамед Зекири, кој поглаварот го нарече криминалец и му порача дека во ваква кризна ситуација треба да им помогне на граѓаните, наместо да бара помош од државата. Сите имаат обрска најригорозно да ги почитуваат мерките на институциите, за здравјето на луѓето, се работи, вирусиот, не бира ни по вера ни по националност.

Вицепремиерот и член на кризниот штаб во Владата, Бујар Османи за Канал 5 вели дека барањето на верските заедници за државна помош е легитимно, бидејќи единствениот приход на вработените им е од верниците кои ги посетуваат и одржуваат церемонии во црквите и џамиите особено во пресрет на најголемите празници. Османи очекува барањето на Исламската верска заедница да биде ставено на некоја од следните владини седници.

„Јас сум во комуникација со поглаварот и во ниту еден момент не сум почувствувал дека е закана, туку повеќе како помош од страна на Владата бидејќи основниот извор на финансии е прекинат и дека сме обврзани барем со минимална плата за вработените кои во овој период останаа без никакви приходи“, изјави Османи.

Од Јавното обвинителство, пак, порачаа дека поглаварот ИВЗ може кривично да одговара како повикувач за кршење на владините мерки за забрана на движење во екот на пандемијата со коронавирус, ако ја оствари заканата дека ќе ја повлече одлуката верниците да се молат дома место во џамија.

Освен Реџепи, по член 206 од Кривичниот законик, велат од Јавното обвинителство, ќе одговараат поединечно и верниците од муслиманската вероисповед кои ќе бидат затекнати во џамиите ширум земјава, зашто владата со заострување на мерките забрани групирање на повеќе од 2 лица надвор од домовите.

Извор:НоваТВ