Поради ситуацијата со ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука за приширување на полицискиот час од 16 часот попладне до 5 часот наутро, а за викенд од петок од 16:00 часот до пет часот наутро во понеделник. До денеска во Македонија има вкупно 570 заболени и 21 починат од овој вирус.
Сите граѓани од среда нема да може да излегуваат од дома од 16 часот до пет часот наутро, а за викенд забраната ќе важи од петок во 16:00 часот до пет часот во понеделник. Дополнително, по возрасни групи, оние над 67 години ќе смеат да излегуваат од 10:00 до 12:00 часот во текот на работната недела, а помладите од 18 години ќе можат да бидат надвор од своите домови од 13 до 15 часот.
Ова се последните одлуки на Владата донесени по предлог на Комисијата за заразни болести, а чија цел е спречување на ширењето на коронавирусот. Нив попладнево на прес конференција ги објави премиерот Оливер Спасовски наведувајќи дека со нив треба да се заштити здравјето на граѓаните. На верниците премиерот им порача – Велигден и Рамазан да ги прослават дома, со честитки по телефон, а не традиционално, по роднини и со гости.
„На секој од нас му е јасно дека нашето живеење е целосно променето. Живееме во време на пандемија каква што досега не сме виделе, а светот се бори со невидлив непријател кој секој ден зема огромен број жртви во сите земји“, рече Спасовски.
Повикувајќи се на искуствата на другите земји кои се соочија со коронавирусот Спасовски рече дека болеста ќе прогресира, дел граѓани ќе поминат без симптоми, но дел и ќе го изгубат животот, нагласувајќи дека оваа битка ќе трае.
„Треба да бидеме чесни и искрени, ние како земја го немаме поминато најлошото. Според експертите, наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот кој најверојатно ќе биде меѓу 2000 и 2500 потврдени случаи“, рече Спасовски.
Извор:РСЕ









