Донесени се важни одлуки, државата ги спасува работните места на граѓаните, напиша на Фејсбук лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако денеска техничкиот премиер го претстави новиот сет на економски мерки на Владата за справување со корона-кризата кој е обемен и опфаќа 17 точки.
„Драго ми е што денеска Владата на Северна Македонија прифати и усвои голем дел од економските мерки што ги предложивме јас и економскиот тим на СДСМ, но и донесе дополнитени мерки. Ова се сериозни чекори кои ќе значат зачувување на работните места на граѓани во фирмите погодени од кризата со коронавирусот, мерки што ќе значат гарантиран приход кај секој работник додека трае кризата“, вели Заев.
Ова се мерки, како што вели, вредни 200 милиони евра.
„Тоа се мерки на солидарност, на меѓусебно помагање во тешки ситуации, ова се мерки за помош на секое семејство, мерки за помали трошоци на секое домаќинство додека трае кризата. Денес, сите ние поединци, целото нашето општество, нашата економија, сите сме ставени пред важен тест. Тој тест ќе го положиме само ако сме солидарни, ако си помагаме еден на друг. Само така ќе излеземе победници од овој здравствен и економски предизвик. Сите сме заедно во оваа криза и само заедно ќе излеземе од неа. Заедно ќе ги пребродиме последиците, а потоа заедно ќе продолжиме кон развојот и напредокот. Само здравје да има, ќе има и економски напредок, ќе има и развој“, истакна Заев.











