Пристапувањето во НАТО на Северна Македонија ќе донесе стабилност и мир во регионот, кој е од суштинско знаење за економски просперитет, вели во екслузивно интервју за Радио Слободна Европа, генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг.
„Ова е историски ден за Северна Македонија, за Западен Балкан и за сите земји членки на Алијансата, бидејќи Северна Македонија стана членка на најуспешната Алијанса во историјата.“
Ова во ексклузивно интервју за Радио Слободна Европа го изјави генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг. Оваа изјава доаѓа откако денеска пред седиштето на НАТО во Брисел на свечена церемонија се развиори македонското знаме заедно со останатите 29-те земји членки на Алијансата. Столтенберг смета дека македонското членството во НАТО ќе придонесе за стабилност во регионот и за меѓународниот мир, но и дека на Северна Македонија ќе и донесе и економски просперитет.
„И со тоа што стоиме заедно ние обезбедуваме мир, целта на НАТО не е да предизвика војна, туку да превенира конфликт, да превенира војна и со правење на тоа ние создаваме стабилност и мир кој е есенцијален за економски просперитет. Ние го видовме тоа, откако Северна Македонија беше поканета во НАТО пред една година, бројот на странските инвестиции порасна, и тоа е модел што го гледаме во многу, многу други земји, дека НАТО членството е важно за економски просперитет“, изјави Столтенбергза РСЕ .
Според него, очекувањата на земјите членки на Алијансата од новиот сојузник е да продолжи со реформите во одбранбениот и безбедносниот сектор.
„Апсолутно сум убеден дека тоа ќе се случи, бидејќи тоа е добро за Северна Македонија и е добро за сите нас, и јас го видов професионализмот на војниците од Северна Македонија кои ги сретнав во Скопје, ги сретнав во Кабул, кога неодамна бев во Авганистан“, вели Столтеберг.
Повеќе на РСЕ








