Претседателот на државата, Стево Пендаровски се очекува денеска да прогласи вонредна состојба на барање на Владата со цел поефикасно справување со епидемијата на коронавирусот.
Веќе започна обраќањето на претседателот на техничката Владата, Оливер Спасовски на кое се очекува да информира за последните мерки за справување со вирусот, но и да побара воведување на вонредна состојба.
Од кабинетот на претседателот засега ниту демантираат ниту ги потврдуваат неофицијални информации дека Пендаровски во 14 часот би имал обраќање на кое ќе прогласи вонредна состојба. Оттаму велат дека додека не пристигне барање од Владата, претседателот не може да постапува.
Пред малку на прес конференција лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара прогласување на вонредна состојба со што државата ќе има на располагање повеќе механизми за справување со актуелната состојба.
Вонредна состојба се прогласува согласно членот 125 од Уставот во кој што се вели: Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Kanal 5 – Dubai-Portal