Негативни се резултатите на лицето кое допатувало од Рим, во Италија, кое се тестираше во изминативе неколку часа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, инаформираат од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ова е последното лице за кое се чекаа резултатите и во овој момент нема други лица кои се тестираат на корона вирус.
Дванаесет лица меѓу кои 2 деца на четиригодишна возраст се наоѓаат во изолација во домашни услови, а Црвениот крст им доставува, храна, вода и доколку треба лекови. Станува збор за осум патници кои се враќале од Италија во комбето со заболената од корона вирусот и четворица од семејството кои биле во контакт со нив кога се вратиле дома.
Никој од нив засега нема симптоми, а доколку се појават ќе бидат спроведени во болница. Нивните домови ги чуваат полицајци со заштитна опрема, кои добиваат инструкции како да постапуваат и како да бидат заштитетни, рече попладнево на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
„Луѓето се изолирани од контакти, никој не смее да доаѓа кај нив ниту тие да излегуваат, вкупно се 12 и тие се членови на семејствата во неколку куќи. Црвениот крст има начин како да им доставува храна, вода и лекови. Епидемилозите ги посетија, добри се и ја разбираат потребата од изолација. Меѓу нив има 2 деца на 4 годишна ворзаст. Никој од нив нема симптоми, доколку се појават ќе бидат спроведени во болница“, изјави министерот Филипче.
Кај луѓето што се во изолација нема да се прават тестови бидејќи може да бидат лажно позитивни или негативни. Заболената пациентка е во добра состојба, се наоѓа во изолација на Инфективна клиника.
Филипче нагласи дека има доволна количина на заштитни маски, ракавици и мантили, а во постапка се за набавка на нови, за дополнување на резервите. Количината засега е доволна, а системот засега добро функционира, рече министерот Филипче.
Пренесува: „Dubai-Portal“
Пишува: „NovaTV“









