Двајца припадници на некогашната кондовска група од денес имаат статус на бегалец. Агим Красниќи и Сехад Рамадани не се јавиле во затворот во Штип по користење на викенд. Осудени се на единствена казна од 15 години. Бидејќи и двајцата се во затвор од 2008-та година ова не им било прво викенд отсуство. Од управата на Затворот во Штип велат дека како осуденици користеле и право на годишен одмор, но секогаш се враќале во законски одредениот рок.
Полицијата веќе трага по Красниќи и Рамадани. Красниќи беше уапсен во 2008 година за спречување избори и гласање за време на парламентарните избори што се одржаа во јуни таа година. Осуден е и за за злосторничко здружување, поседување оружје и други кривични дела, Со Рамадани освен родното место ги поврзува и случај на киднапирање.
Ова не е прв случај осуденик да не се врати во штипскиот затвор. Лани во октомоври по прекин за лекување зад решетки не се врати екс специјалецот Игор Спасов, кој одлежа седум од 12 години за убиството на Мартин Нешковски. Неговото бегство дигна прашина околу одговорноста на лекарите и евентуални пропусти во постапката. Обвинителството тогаш најави дека по допрен глас отвора истрага да утврди дали лажни или реални медицински проблеми му овозможиле на Игор Спасов една година да шета на слобода и кој му помогнал да ја напушти државата. На листата на славни бегалци од правдата и е некогашниот телохранител на Сашо Мијалков, Дацо Белски кој избега од домашен притвор додека го чекаше обвинение за убиство во обид откако пукаше во ресторан во Кочани. Тој беше еден од главните сведоци во случајот Детонатор, во кој за рекетарство на обвинителна клупа седнаа 16 лица од Кочани и Виница. Тоа беше причина и да се сменат вкупно 13 полициски командири, меѓу кои и тогашниот началник на СВР-Штип.
24Vesti










