По сеопфатна истражна постапка што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја започна во јуни годинава, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против 11 лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5“, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

При спроведувањето на истражната постапка е утврдено дека во временскиот период од 21 декември во 2010 година до 8 август во 2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на државата, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.

Во предметот се обвинети две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар, едно лице кое во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор (без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот), несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.

Со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 163.513.868 милиони денари.

Обвинителството во јуни оваа година побара притвор за 9 лица, за едно лице мерки за претпазливост, а за едно беше соопштемно дека сè уште се трага. Меѓу приведените, како што во таа прилика кажа обвинителката Ивана Трајчева, беа Миле Јанакиевски, екс министер за транспорт и врски, Димитар Димовски, вработен во Министерството за транспорт и врски и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Митревски, претседател на општински комитет на партијата во Аеродром, исто така, вработен во Министерството за транспорт и врски, државниот правобранител, Емилија Радојкова, вработена во Катастар, како и нотари и бизнисмени.

Претходно, пак, во февруари во 2018 година, од општина Центар информираа дека градоначалникот Саша Богдановиќ го поништи решението за изградба, меѓу другото, на „Шпанските скали“ на Плоштад „Македонија“. Тој го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица „11 Октомври бб“ во централното градско подрачје.


NovaTV / Dubai-Portal