Министерката за правда, „спас“ од уставните судии бара во Собранието. По одлуката Уставен да ја оценува уставноста на членот 11 – а од Законот за помилување со кој Ѓорге Иванов ја повлече аболицијата од 2016 година, се отвара пат спас од обвиненијата на СЈО да извлечат веќе амнестираните.
Уставниот суд со поведената постапка може да донесе две одлуки – да го укине членот од законот и во иднина претседателот на државата да не може да повлече помилување. Втората опција е да го поништи членот, со што во сила ќе ја врати аболицијата на Ѓорге Иванов од пред три години. Тоа би значело апсолутна слобода за сите обвинети и осудени во случаите на СЈО. Дескоска за да го спречи, како што вели, незаконското помилување, ќе бара Собранието автентично да го толкува членот 11 од Законот за помилување. На тој начин да се утврди дека овој член кога Иванов донел амнестија, не постоел. Дескоска за ова очекува поддршка и од ДУИ иако СЈО отвори истраги и за Али Ахемти и за Бујар Османи.
„Ќе се види во Собрание кој за што се залага. Јас мислам дека коалицијата не треба да се заснова на криминални основи, така да очекувам тоа што вербално го слушаме од коалиционите партнери дека се за правда и остварување на правдата ќе го видиме на дело и не можам да претпоставам дека ова може да биде основ за нарушување на коалицијата“, вели Дескоска.
Пратеничката група на СДСМ веднаш поднесе барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
„Ги повикувам сите пратеници да застанат на страната на правдата и да го поддржат барањето за автентичното толкување. Тоа е одговорност на секој избран пратеник. Заедно да го спречиме активирањето на незаконските помилувања дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов и сите до еден, на дело да покажеме дека сме за правда“, рече Констадин Костадинов, Пратеник СДСМ.
Претседателот на земјава Стево Пендаровски во обидот на Уставен повторно да ги заживее амнестиите што ги даде Иванов, препознава удар врз правната држава и демократијата.
„Јас би сакал да апелирам уште во оваа фаза на оние пет судии од Уставен кои гласаа за покренување на таа иницијатива да се разбудат на време и да сфатат дека во оваа земја повеќе Никола Груевски не е господар на нашите животи“, рече Пендаровски.
Опозицијата пак, во иницијативата на Уставен препознава влијание на премиерот Зоран Заев кој си отворал пат да биде амнестиран по поразот на изборите на пролет. За ВМРО – ДПМНЕ, индикатор дека Уставен постапува по насоки на власта е одлуката на дневен ред да се најде иницијатива за помилувањето, а не поважни иницијативи кои се заглавени во фиоки.
AlsatM










