„Звонко Костовски никогаш не ми даваше налог на ливче или усно да маркирам некој број. Од Надица Николиќ добивав наредба да им доделам на репродуцерите, кој од нив, кој број да го слуша“, истакна сведокот Марјан Јанкуловски, поранешен вработен во УБК, на денешното судење за предметот „Таргет-Тврдина“ за незаконско следење на комуникациите.

На прашање на обвинителот Трајче Пеливанов, Јанкуловски рече дека пристап до фолдерите со маркирани броеви имале Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Надица Николиќ кои со таквата привилегија имале можност да ги видат броевите, да ги прислушуваат разговорите и да ги читаат СМС пораки. Сведокот ги „режел“ ЦД-та со снимените разговори од кои дел биле со судски наредби, а дел не и без судска наредба и ги предавал дисковите на Надица Николиќ. Само еднаш имал барање од Горан Грујевски да му сними цедиња со разговори од Зоран Заев.

Минатиот месец како сведок во овој случај се појави премиерот Заев. Тој рече дека материјалите во кој имал увид, според начинот на кој биле анализирани, синтетизирани, а потоа доставени до тогашниот претседател на владата, Никола Груевски наведуваат дека незаконското масовно прислушување се вршело во МВР-УБК.

Верушевски во „Таргет – Тврдина“: Груевски e креатор на прислушувањето, обвинетите плаќаат за него

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март во 2016 година, за предметот „Таргет“ на 18 ноември истата година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни во 2017 година.

Во споениот предмет „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 година до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20.000 граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

Nova.