Премиерот Зоран Заев во интервју за весникот Њујорк Тајмс објавено во вторникот предупредува дека запирањето на проширувањето на ЕУ може да предизвика драматични поместувања во целиот регион.

„Се кршам одвнатре“, вели Заев во интервјуто за американскиот весник кој, оваа изјава ја става и во насловот на текстот, објавува Дојче Веле.

„До пред само два месеци, лидерот на малата балканска нација во Северна Македонија одеше исправено, со пофалби од светските лидери, од првиот човек на ОН затоа што понуди ретка светла точка во проблематичниот светски пејзаж, а се најде и на листата на кандидати за Нобеловата награда за мир.

„Премиерот Зоран Заев ја заложи својата политичка кариера и иднината на својата земја во решавањето на тридеценискиот спор со соседна Грција за името на земјата. Со помош на макотрпна дипломатија и наспроти очекувањата, тој успеа.

Но седејќи пред неговата канцеларија во Скопје, сето тоа изгледа далечно”, пишува авторот во уводот на интервјуто.

„Се кршам одвнатре”, вели Заев за Њујорк Тајмс.

Весникот наведува дека се очекувало дека промената на името ќе го отвори патот за приближување на Северна Македонија кон ЕУ, но минатиот месец Франција стави вето на одлуката, барајќи реформа на процесот.

Тоа, според Њујорк Тајмс, ја дестабилизирало Владата во Скопје, и уште позаканувачки, тоа го пореметува статус квото во регионот каде владее нестабилен мир уште од крајот на војните во поранешна Југославија.

„Тоа ме уништи лично, психолошки“, вели Заев. Тој во разговорот вели дека е загрижен „не само за себе и за земјата“, туку и за стабилноста на целиот Западен Балкан.

„Национализмот и радикализмот можат повторно да пораснат. Постои ризик од конфликт во самите држави, но и меѓу државите“.

Запрашан зошто тогаш се одлучил на драматичен чекор да свика вонредни избори, Заев вели дека немал избор.

„Доколку не свикаме избори, национализмот ќе расте“, додава Заев.

„Преплашен сум“, вели Заев за Њујорк Тајмс.

Нова.