Министерството за здравство има слух за барањата на кофинансираните специјализанти и се бара механизам за подобрување на нивниот статус, соопштуваат од Министерството за здравство.

Во исто време решаваме состојби каде немаше никакво поместување во позитивна насока со години претходно. Нивните колеги кои се приватни специјализанти за првпат се платени за својот труд во 2018 година. Тие дотогаш работеа бесплатно. Фокусот кој прво го ставивме беше на приватните специјализанти, да им овозможиме подобри услови за работа.

„Сега, се бара механизам и за кофинансираните специјализанти. Веќе се договорени да почнат работни групи да работат на решавање на оваа ситуација, но затоа треба да биде во соработка со Фондот за здравствено осигурување и најверојатно со пратениците со цел да се види каква е можноста Законот во тој дел да се промени. Откако следната недела ќе ги собереме сите информации ќе имаме и детална динамика како и кога ќе може да се изнајде решение“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Група од 130 лекари на кофинансирана специјализација за утре најавија протест пред Министерството за здравство, на кој ќе го изразат своето незадоволство од условите и договорите по кои работат.  Како причина за протестот го наведуваат тоа што нивните специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита бидејќи содржат елементи и од приватни и од државни и не се целосно дефинирани.

Министерот Филипче вчера истакна дека во текот на минатата недела имал состанок со кофинансираните специјализанти и нагласи дека оваа Влада е првата, која одвоила средства во 2018 година приватните специјализанти за прв пат да бидат платени за својот труд, но тие го демантираа тврдејќи дека четири месеци не се видел со нив, ниту имало било каква средба.

Mahir Demishoski