Полицијата вчера при редовна проверка не го пронашла Драганчо Стојменов во неговиот дом, согласно со процедурата за изречената мерка домашен притвор.
-На лицето Судот му одредил мерка куќен притвор и според надлежноста полицијата неколку пати во текот на денот прави проверка. При последната проверка извршена вчера е констатирно дека лицето не е дома, односно не ја почитува мерката на Судот и затоа веднаш е известен Судот, велат од МВР.
По наредба на Судот, посочуваат, се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.
Стојменов, со прекар Дацо Белски е познат како поранешен телохранител на екс шефот на УБК Сашо Мијалков. Тој на почетокот на годинава учествуваше во престрелка пред кафеана во Кочани, при што рани едно лице. Тој неколку месеци беше во бегство, но потоа им се предаде на надлежните. По неколку месеци во Шутка, Судот му одреди мерка домашен притвор.
Драганчо Стојменов, беше клучен сведок во акцијата “Детонатор“, и повеќепати досега беше мета на напади, при што му беа поставувани бомби под автомобилот.
Кон крајот на 2012 година Стојменов во судница сведочеше за она што преживувал од обвинетите во случајот „Детонатор“ при што ги посочи шестмината обвинети Игор Горански, Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов како главни виновници за тогашните три обиди за негово убиство.
За физички напад врз него во декември 2012 година на 9 месеци затвор беше осуден и Александар Василевски Нинџа, но во мај 2013 Апелација го ослободи од обвинение.
Nova.
Mahir Demishoski










