Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува утре да го слушне предлогот на Заев за да види што подразбира под тоа брзи предвремени парламентарни избори. Мицкоски бара веднаш да се распишат избори и да се формира техничка влада, технички премиер и да се оди на избори.

-Ние тоа веќе го предлагаме месеци наназад. Јас и вчера зборев, избори не како избори за пуста власт, туку избори за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава.  Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме, изјави денеска Мицкоски, додавајќи дека очекува утре да биде постигнат договор за избори.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков ќе биде ставот на ВМРО ДПМНЕ во однос на  Преспанскиот договор, имајќи предвид дека беше услов за откочување на евроатлантските интеграции на земјата, Мицкоски рече дека „ВМРО-ДПМНЕ не учествувало во предавството и трајната штета што на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија ги донесе Зоран Заев и Владата на СДСМ“.

-Но за да ја исправиме оваа грешка одговорот е математички односно број на пратеници во Собранието и услов Бадинтер. Јасно е што значи тоа, сме го кажале и тоа безброј пати до сега и истото го повторуваме и сега, рече Мицкоски без да одговори конкретно дали во случај да формираат Влада ќе го повлачат Преспанскиот договор.

Извор:НоваТВ