Премиерот Зоран Заев предложи предвремени избори најбрзо што може, на кои граѓаните ќе донесат одлука и потврда за патот на кој треба да се оди, „дали да одиме по вистинскиот пат на европски вредности, напред, или по мрачниот пат на поделби и конфликт и изолацијата што води назад, на патот на пријателството со соседите или конфронтации“.
Заев очекува утре на лидерската средба да се договори датумот кога би се одржале брзите избори со оглед дека треба да се исполнат условите за „пржинска влада“ пред одржувањето на изборите.
Во првото обраќање откако вчера Европскиот совет одлучи да не ѝ додели датум за почеток на пристапни преговори за влез во ЕУ и реши за ова прашање да се расправа на следниот самит на лидерите во мај 2020 во Загреб, Заев нагласи дека ние како држава испорачавме се што требаше за добивање датум за старт на преговорите за членство, а тоа што ЕУ не успеа да донесе одлука е нивна историска грешка.
-ЕУ не ни испорача што ни вети. Не си останаа на зборот и не испорачаа. Тоа е нивна историска грешка и тоа го потврдија сите европски лидери. Направивме се што требаше и се што моравме. Сакам да се заблагодарам, на огромното мозинство европски лидери кои се бореа за нас. Ние сме жртва на одлука на ЕУ заради нивни нерешени внатрешни работи и таа одлука не можевме да ја промениме. Ние и тоа како сме одговорни за сопствените одлуки за нашите граѓани, рече Заев.
Тој рече дека лично се чувствува разочаран и лут и дека така се чувствува целиот народ.
-Тоа го чувстувам како уште една лузна. Тоа од мене бара сериозна одлука. Секој политичар мора да биде одговорен и чесен и да ја ја преземе врз себе одговорноста. Затоа одговорно излегувам пред граѓаните, рече Заев
Премиерот воедно се заблагодари на огромното мнозинство европски лидери кои се залагаа за донесување позитивна одлука за старт на преговорите.
Рече дека ја разбира дилемата што ја има Франција и тоа не треба да не обесхрабрува
– Верувам дека ќе го коригираат својот став, затоа што ЕУ е создадена со смисла. Има причини зошто ЕУ мора да постои. За да биде силен, унисон, здружен партнер, наспроти САД, Русија, Кина и целиот свет и да демонстрира демократски вредности, рече Заев.
Тој потенцира дека по вчерашната негативна одлука на Европскиот совет му се јавиле без малку речиси сите премиер и претседатели на членките на ЕУ за да го охрабрат него и нашиот народ да продолжиме по европскиот пат и да ни порачаат дека тие се тука за нас.
Заев нагласи дека ЕУ ќе ги надмине разликите, бидејќи има интерес на Западниот Балкан, како што и ние имаме интерес од ЕУ.
– Не треба да се откажуваме. Ние по распоред ги знаеме реформите што треба да ги направиме. Ние сакаме да бидеме членка на Европската Унија, заради европските вредности овде, додаде Заев.
Тој нагласи дека ние ќе станеме членка на ЕУ и ќе придонесеме со работа дома да блеска нашето сонце и повторно „да ги запалиме ѕвездите кои не водат како стратегија кон која тежнееме“.
ЕУ и НАТО немаат алтернатива- одлучив да се борам
На прашањето од кои причини е донесена одлука за предвремени избори ако претходно опстојуваше на ставот дека без разлика на исходот од Брисел, вонредни избори не се опција, Заев рече дека одлуката на Брисел е историска грешка која создаде околности за кои народот треба да одлучи на избори дали земјата останува на истиот пат.
-До денеска бев на ставот дека на нашата земја ѝ треба предвидливост. Ние тоа го чувствуваме, и во растот на економијата, и во новите работни места, и во индустрискиот раст, извозот, владеењето на правото, од придобивките од реформите… Но, рековме, направена е историска грешка од ЕУ, и во вакви околности народот треба да одлучи дали сите остануваме на вистинскиот пат. Јас верувам – да. На патот на интеграциите, на патот на тоа што досега не мотивираше, на патот на тоа што ни вбризгуваше енергија да работиме и ни даваше надеж да работиме уште повеќе. За нас нема алтернатива за ЕУ и НАТО. Затоа го коригирам мојот став и повикувам на предвремени избори за да не губиме време знаејќи дека тоа е одлука за која се отвора процес за изјаснување на сите останати, рече Заев.
На новинарско прашање, дали во опција била и оставка на премиерската функција, Заев рече дека сите опции биле отворени и дека ќе се испочитува законската постапка за ова прашање соодветно на Пржинскиот договор.
-Го чувствував гневот и разочарувањето на народот, но реков јас немам право да се откажам да се борам. Јас како и сите граѓани, ја сакам својата земја и својот народ. Нашиот народ ни го дава мандатот и честа да водиме и спроведуваме политики. Сега тој ќе одлучи, народот нека реши на избори дали продолжуваме на тој пат. Ако продолжуваме јас ќе го побарам мандатот, целосен и чист мандат за да продолжиме по тој пат, зашто се друго е ќорсокак. Во однос на моето повлекување, како законот налага ние тоа ќе го испочитуваме. Утре, после средбата кај Пендаровски, ќе имаме состанок со сите партии од коалицијата, а потоа ќе ги договориме деталите. Ќе ја испочитуваме постапката за да имаме чисти, фер и демократски избори и заеднички ќе го утврдиме датумот, рече Заев.
Извор:НоваТВ










