Новоименуваната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за Политико изјави дека нема сигнал што сугерира дека на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел ќе има одлука за процесот на проширување на ЕУ.
– Длабоко жалам поради тоа, бидејќи верувам дека овие земји направија значителни напори за да се приближат кон ЕУ и затоа многу е важно да им се даде вистински сигнал, изјави Фон дер Лајен пред почетокот на Самитот на лидерите на ЕУ.
Политико коментира дека ова би било разочарување за владите на Северна Македонија и Албанија, кои се надеваа дека ќе бидат поканети да започнат преговори за членство.
Лидерите на ЕУ за време на вечерата во Брисел би требало да разговараат за можностите за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова прашање се најде на агендата на Самитот на лидерите на ЕУ, откако за тоа не беше постигнат консензус на ниво на министри за надворешни работи.
Мнозинството земји-членки го поддржаа отворањето пристапни преговори со Скопје и Тирана, а Франција бара промена на методологијата на процесот на пристапување.
Извор:НоваТВ











