Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, како и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествуваа на Конференцијата на почесни конзули на Северна Македонија акредитирани во странство, организирана од Министерството за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев им се заблагодари на почесните конзули за нивната важна работа, велејќи дека во наредниот период, интересот за Северна Македонија ќе биде повисок, особено од економски и инвестициски аспект.
Заев зборуваше за создадениот амбиент во Северна Македонија, истакнувајќи дека земјата нема отворени прашања со земјите соседи, а го истакна и зачленувањето во НАТО, за кое рече дека остануваат само техничките процедури за усвојување на Протоколот за членство во некои земји членки.
„За нас, НАТО, како што спомнав, значи безбедност и стабилност, што е многу важно за секој инвеститор. Тоа е минимум што го очекуваат, доколку решат да земат кредит за да отворат инвестициски процеси овде и да даваат плати, да плаќаат даноци на државата и да остварат профит“, рече Заев.
Заев зборуваше и за евроинтеграциите, во однос на кои рече дека Северна Македонија очекува да добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) и дека тие ќе гарантираат трансформација во подемократска држава и владеење на правото.
Вицепремиерот Анѓушев зборуваше за економските мерки и финансиската поддршка предвидени со домашните закони за странските инвестиции во земјата, за кои рече дека се покажале како успешни.
„Практично, што направивме ние? Ние направивме она што е Закон за државна помош, којшто е усогласен со регулативите на ЕУ и којшто функционира секаде низ ЕУ, ние го издигнавме на еден повисок степен и го крстивме Закон за финансиска поддршка на инвестициите“, рече Анѓушев, додавајќи дека овој закон главно е посветен на производните капацитети и дека има јасни критериуми за тоа колку странските инвеститори можат да бидат финансиски поддржани.
По говорите на премиерот и вицепремиерот, почесните конзули можеа да постават конкретни прашања на разни теми. Конзулатите од Блискиот Исток и од другите делови на Азија го покренаа прашањето за визите, велејќи дека жителите на овие земји се соочуваат со потешкотии.











