Премиерот на Словенија, Марјан Шарец, престојува во официјална посета на Северна Македонија, каде беше примен од владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес конференција, двајцата премиери ги истакнаа силните и долготрајни односи меѓу двете држави во сите сфери, изразувајќи увереност дека тие во иднина ќе бидат дополнително засилени.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, потсети дека Словенија беше втората земја што го ратификуваше Протоколот за членство на земјата во НАТО, додавајќи дека Словенија е гласен поддржувач на членството на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).
„За нас исклучително важно е Европската унија да ги препознае и вреднува нашите напори и храбрите политички чекори. Нашата иднина е во Европската унија и на тој пат можеме многу да научиме од искуствата на Словенија. Словенија е наш голем пријател, поддржувач и економски стратешки партнер“, рече Заев.
Премиерот на Словенија, Марјан Шарец, рече дека пријателските односи меѓу двете држави се докажани и во пракса. Тој, исто така, зборуваше за соработката во областа на безбедноста, велејќи дека „вашата сигурност е и наша сигурност“.
„Ме радува тоа што Словенија во Северна Македонија ќе отвори и канцеларија на советник за одбрана, кој ќе започне да работи од јануари 2020 година. Нашата цел е иста како и вашата цел. Вашата сигурност е и наша сигурност“, рече Шарец.
Во рамките на неговата посета, премиерот Марјан Шарец ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.
За време на посетата на словенечкиот премиер на Северна Македонија, предвидено е тој и домаќинот Зоран Заев да ги посетат и припадниците на граничната полиција на границата со Грција, каде е присутен и словенечкиот полициски контингент.
– „Преку дијалог да се изнајде решенија за мигрантите“
На заедничката прес-конференција на двајцата премиери, тиа беа прашани дали може да има нова мигрантска криза на јужната граница на Северна Македонија, повикувајќи се на извештаите од Турција дека на мигрантите и бегалците можеби ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето од Турција кон земјите на ЕУ.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев изрази уверување дека прашањето на мигрантите ќе се реши преку дијалог.
„Она што очекуваме е дека дијалог, разговорот, дипломатијата, да ги наоѓаат решенијата. Јас верувам дека ќе се најде решение. Ја прочитав некаде веста дека нешто ново се случува околу тој дел. Верувам дека и Европа и сите ние овде ќе изнајдеме решенија за одредени незадоволства понекогаш што се појавуваат“, рече Заев.
Словенечкиот премиер Марјан Шарец, исто така рече дека дипломатијата е вистинскиот пат, додавајќи дека мора да се искористат сите средства.
„Важно е да бидеме свесни дека мора да бидеме внимателни во секое време, мора да имаме дијалог со Турција во секое време. Секој дијалог, иако можеби понекогаш е на пониско ниво, е подобар отколку немањето дијалог и убеден сум дека и во иднина ќе најдеме решенија што на ефикасен начин ќе го решат проблемот со мигрантите“, рече Шарец.
Премиерот на Словенија, исто така ја истакна потребата за единствено решение на ЕУ за прашањето на мигрантите, велејќи дека досега, државите членки го решиле оваа прашање „секој на свој начин“.










