Заев: „Очекуваме почеток на преговорите со ЕУ како резултат на заедничкиот успех“

0
90

Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по пристигнувањето во Њујорк, по повод учеството на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), присуствуваше на вечерата што за шефовите на државите и владите на земјите од Западен Балкан ја приреди Федерика Могерини, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, и заменик претседателка на Европската комисија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението од Владата, во разговорот за време на вечерата, премиерот Зоран Заев истакнал дека ова е клучен период за Северна Македонија и дека сите напори се фокусирани кон тоа задржување на позитивниот дух кај сите земји членки на ЕУ за поддршка за Северна Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ.

„По добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 година, низата на последователни позитивни препораки од Европската комисија и афирмативните заклучоци на Европскиот совет во 2018 и 2019 година, како и поради остварените и признаени резултати, Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ без натамошно одлагање“, истакна премиерот Зоран Заев, се вели во соопштението од Владата.

„Стартот на преговорите ќе биде успех и на Северна Македонија и на ЕУ, како резултат на заедничките остварувања за време на претпристапниот процес“, нагласи премиерот на вечерата што за шефовите на владите на земјите од Западен Балкан во мисијата на Европската Унија во ОН.

Учеството на владината делегација на 74-тото Генерално собрание на ОН, официјално започнува денеска со учеството во работата на самитите посветени на климатските промени и на универзалната здравствена заштита.