Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за избори и именувања со 13 гласа „за“ и ниту еден „против“ гласаше за разрешување на Катица Јанева од функцијата раководител на Специјалното јавно обвинителство, јавува Anadolu Agency (AA).
Првично, пратениците гласаа за одржување на затворена седница, бидејќи извештајот што требаше да го разгледаат, а којшто беше изготвен од Советот на јавни обвинители, беше класифициран. Така, во работата на Комисијата можеа да учествуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.
Илија Димовски, претседател на Комисијата за избори и именувања, пред седницата рече дека би сакал таа да биде отворена, но истакна дека пратениците не можат да одлучуваат поинаку од Советот на јавни обвинители.
„Комисијата без дискусии, со едногласна одлука, го утврди предлогот до Собранието на Република Северна Македонија, госпоѓата Катица Јанева да биде разрешена од функцијата специјален јавен обвинител поради незаконито, несовесно и нестручно раководење со институцијата Специјалното јавно обвинителство“, рече Димовски.
Мухамед Зеќири, пратеник од владејачкиот Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), рече дека се надеваат дека истрагата ќе заврши наскоро и дека ќе започне судската постапка, со која, како што изјави тој, виновниците ќе одговараат до крај и ќе се исчистат сите шпекулации во јавноста.
„Можам да кажам дека и ние како политичка партија жалиме што седницата не беше отворена, но мораше да се почитува барањето на Советот на јавни обвинители поради тоа што неговиот извештај е класифициран“, рече Зеќири.
Според собраниската процедура, сега претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да закаже пленарна седница на која ќе се гласа за предлогот на Собраниската комисија за избори и именувања.
И Мухамед Зеќири и Илија Димовски, кој е пратеник од редовите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, изразија уверување дека гласањето во пленарната седница ќе биде едногласно, слично како и гласањето во Собраниската комисија.
За донесување на одлуката за разрешување на обвинителката Катица Јанева во Собранието, потребно е двотретинско мнозинство, како и Бадентерово мнозинство.
Потсетуваме дека во случајот „Рекет“, за кој Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција започна истрага на 15 јули оваа година, осомничена е и специјалната обвинителка Катица Јанева, која се сомничи за злоупотреба на службената должност и овластувања. Од 21 август, таа е во 30-дневен притвор во затворот „Шутка“.
На денот кога започна истрагата за случајот „Рекет“, обвинителката Јанева поднесе оставка од својата функција.









