Компромитираното СЈО е завршена работа, а првиот чекор треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови, побара денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочувајќи дека во вчерашната афера корените се многу подлабоко од двете осомничени лица познати на јавноста, кои, како што рече, треба да бидат жртвени јагниња.
-Овој втор криминален октопод, е миље сочинето од неформален сопственик на медиум, обвинители чие дејание не може да биде возможно без поддршка од власта каде имаме злоупотреба на медиум, тргување со правдата, финансиски интереси и политички мотиви. Вчерашната панична акција е само театар да се спасат вистинските нарачатели на ваквиот криминал, да се заштити колку може извршителот Катица Јанева и да не се дознае каква монструозна гарнитура владее со земјата, рече Мицкоски.
Тој се наврати на она што го кажал пред од прилика четири месеци кога, како што рече, јавно предупредил на криминалот на СЈО поддржан од врхушките на власт и за фактот дека се злоупотребува за политички цели.
– Премиерот Зоран Заев жестоко се спротивстави и застана директно во одбрана на Катица Јанева. Таа беше неговата црвена линија од која не отстапуваше на разговорите и нашите напори за вистинска реформа во обвинителството. Вчера видовме и зошто грчевито ја бранеше, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
За Мицкоски оставката од Јанева, не е вистинска оставка за таа да не биде пречката во процесот на договор за реформи во Обвинителството, таквиот чекор не е затоа што се работи за личност со високи морални и етички принципи, туку, подвлече, тоа е излезно сценарио за сомнежот дека е до гуша во криминал. Посочи дека и покрај оставката која вчера ја даде Јанева, таа продолжува да биде шеф на СЈО кое за ВМРО – ДПМНЕ е минато завршено време.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ упати прашања до власта и побара одговор во најбрз можен рок.
-Праша дали е точно дека силата на Катица Јанева доаѓа токму од премиерот, дали е точно дека при средба во домот на првообвинетиот чест гостин е висок функционер од редот на СДСМ во друштво на Катица Јанева и во тој дом се договараат обвиненија и понатамошни постапувања по тие обвиненија. Праша дали е вистина дека лично Јанева ја има во разговорите со првообвинетиот кои се предмет на истрага, како и тоа дали е вистина оти и други лица на начин како сега обвинетите двајца си завршиле работа со обвинители од СЈО и врвот од власта за непокренување обвиненија.
Извор:НоваТВ











