Џафери се сретна со заменик-генерален секретар на НАТО

0
10

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Антонио Мисироли, заменик-генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што стои во соопштението објавено од Собранието, Џафери изрази уверување дека со оваа динамика на ратификацијата на Пристапниот протокол од страна на земјите членки на НАТО, се очекува финализацијата на процесот за полноправно членство во НАТО да заврши до крајот на оваа година.

„Претседателот Џафери изрази очекување дека во оваа сложена процедура ќе имаме стручна и техничка помош и поддршка од специјализираните НАТО структури, но и од НАТО земјите членки, како во заштитата на безбедносните системи така и во аспектот координација“, се вели во соопштението.

Мисироли во текот на состанокот изрази задоволство од досегашните постигнувања на Република Северна Македонија на планот на евроатланската интеграција, стои во соопштението, при што Мисироли рекол: „последната милја од маратонот е веќе започната и се гледа финалниот резултат – полноправното членство во Алијансата до крајот на оваа година“.

Високиот претставник на НАТО изрази и очекување дека во октомври ќе биде доделен датум за отпочнување преговори со Европската унија, со што земјата ќе ги заокружи повеќедецениските интеграциски процеси во НАТО и ЕУ.

Освен со претседателот на Собранието, заменик-генерален секретар на НАТО во текот на денот оствари средба и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендадовски, и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.