Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, рече дека е многу важно Европската Унија (ЕУ) да покаже дека е сериозна кога е во прашање евроатлантската перспектива на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Димитров се сретна со министерот за надворешни работи на Република Словачка, Мирослав Лајчак, којшто истовремено е актуелен претседавач со ОБСЕ во Европа, по што се одржа заедничка прес-конференција.
Министерот Димитров истакна дека Северна Македонија ги исполнила сите критериуми и дека решила тешки прашања, истакнувајќи дека „пред нас е една заедничка шанса за голем успех“.
„Ако ме прашате за импресиите од заклучоците вчера, не можеме да бидеме задоволни без да дојде одлуката во октомври. Мислам дека нашиот успех ќе биде важен сигнал за целиот регион, дека европската врата е отворена и европската визија за регионот на Западен Балкан постои. Доколку такво нешто не се случи, тогаш тоа ќе биде точка на таа перспектива“, рече Димитров.
Тој истакна дека во следните месеци товарот е на земјите членки на ЕУ, додавајќи дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, еврокомесарот Јоханес Хан и германската канцеларка, Ангела Меркел, рекоа дека Северна Македонија ги исполнила сите барања.
Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, упати честитки за потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција со кој се реши спорот за името, притоа именувајќи го овој договор како „големо достигнување“.
Лајчак рече дека вчера учествувал на состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, каде што, како што истакна, беше заклучено дека Северна Македонија заслужува да ги започне преговорите за членство со ЕУ.
„Би сакал да ви носам добри вести за отпочнување на преговорите за членство. Ова, како што знаете, не се случи. Но би сакал да кажам дека немате причини да бидете загрижени. Ова беше техничко одложување, но на состанокот имаше многу позитивна енергија“, рече Лајчак, додавајќи дека очекува во октомври да се донесе одлука за започнување на преговорите.
Министерот за надворешни работи на Словачка престојува во дводневна посета во Северна Македонија, каде што ќе се сретне со државниот врв.
Потсетуваме, вчера во Луксембург се одржа седница на Советот за општи работи на Европската Унија. Во заклучокот од седницата на Советот се навуедува дека датумот за отворање на пристапните преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија ќе се одреди најдоцна во октомври месец оваа година.
Претходно, кон крајот на мај месец оваа година, Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај препорачa безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија (ЕУ).
По препораката на ЕК, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека чистата препорака е силен мотив за следната „тешка, но достижна цел”, како и дека одлуката за добивање датум за преовори на Самитот во јуни е „следната цел”.










