Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на промоцијата на „Европската младинска картичка“, на која истакна дека целта на извршната власт е да им овозможи на младите да градат европска иднина во својата родна татковина, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот на Северна Македонија истакна дека Владата интензивно работи на зачленувањето на земјата во ЕУ, нагласувајќи дека младите се нејзин висок приоритет.

Тој рече дека проектот „Европската младинска картичка“ ги приближува младите луѓе од Северна Македонија еден чекор поблиску до европските стандарди и европскиот начин на живот.

„Сѐ што досега како Влада сработивме, и она што во иднина ќе работиме, има една важна цел: Нашата земја да биде дел од Европската Унија и нашите млади луѓе да градат европска иднина дома, во својата родна татковина“, рече Заев, изразувајќи увереност дека наскоро земјата ќе ги започне преговорите за членство со ЕУ.

Премиерот Заев рече дека преку оваа картичка младите ќе можат да искористат повеќе поволности, за кои поопширно зборуваа Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт, и Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, кои, исто така беа присутни на настанот.

Тие објаснија дека аплицирањето за „Европската младинска картичка“ се врши онлајн и дека неа може да ја користат младите лица на возраст од 15 до 29 години.

Каевски рече дека со оваа картичка младите лица добиваат попусти и други поволности од компании од различни сектори. Тој упати благодарност до турската банка „Халкбанк“, која го поддржува овој проект.

„Секако, голема благодарност и до „Халкбанк“, која е единствена банка партнер и поддржувач на овој проект, која како банка е препознатлива помеѓу младите и нуди поволности кои се однесуваат на оваа категорија“, рече Каевски.

Истакнувајќи дека картичката има рок на важност од две години со можност за реаплицирање, тој објасни дека се потпишани меморандуми со 320 компании од различни сектори, додека со 100 други компании е постигнат договор, но сѐ уште не е потпишан меморандум.

На крајот, Заев и Каевски упатија апел до младите да аплицираат за да се стекнат со оваа картичка и да ги користат поволностите коишто таа ги нуди.