„Во духот на празникот Рамазан бајрам да ја негуваме добрината и кон другиот, добрината кон различните како порака водилка и за сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија”, се вели во честитката на Заев.

(Дубаи – Портал) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитки до Исламската верска заедница и до реис-ул-улема Сулејман Реџепи и членовите на Ријасетот, како и до сите верници од исламската вероисповед во Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Рамазан бајрам со празничниот поздрав: Бајрам шериф мубарек олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот! Им посакувам на сите наши сограѓани, муслимани, небесен сјај за време на празничните денови на Рамазан бајрам, со желби светлината да ги стопли сите срца за да бидат пренесени пораките за мир, толеранција и слобода за сите верници на исламот, како и за припадниците на сите останати верски заедници“, пишува во честитката премиерот Заев.

Во честитката до сите муслимани се упатуваат желби за среќа и радост.

„Крајот на постот и дарбите што ги стекнавте за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на солидарност и хуманост за да ги делите благодатите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели, соседи и намерници“, стои во честитката.

„Во духот на празникот Рамазан бајрам да ја негуваме добрината и кон другиот, добрината кон различните како порака водилка и за сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, за да продолжиме заеднички да го зајакнуваме нашето заедничко општество како едно за сите. Да го усовршуваме овој наш дом во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, се вели во честитката на премиерот Заев, по повод празникот Рамазан бајрам.

Честитки по повод празникот Рамазан бајрам упатија и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, како и претставници на политичките партии во земјата.

Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес е извршена молитвата по повод големиот празник Рамазан бајрам, кој се одбележува по месецот на постот. Веднаш по молитвата муслиманите овој празник го прославуваат во кругот на семејството и своите најблиски и пријателите, посетувајќи се меѓусебно.

Mahir Demişoski