Почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата, укажа претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Самуел Жбогар, соопшти кабинетот на шефот на државата.
– Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.
Жбогар, по средбата изјави дека се надева на успешна соработка со претседателот Стево Пендаровски во деновите и месеците што претстојат за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
-Имав средба со претседателот Пендаровски. Му ги пренесов честитките од претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, во кои тие изразуваат подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на Северна Македонија и за градење на заедничка Европа, рече Жбогар.
Евроамбасадорот рече дека на средбата изразил почит за вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата.
-Охрабрен сум од неговите пораки и од денешната средба. Разговаравме за неговата можна посета на Брисел и средби со лидерите на Европската Унија, нешто на што ќе работиме во наредните недели, рече Жбогар по средбата со Пендаровски.










