Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе биде инаугуриран на седница во Собранието на Република Северна Македонија, со што и официјално ќе го започне неговиот петгодишен мандат.
На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.
По свечената церемонија, предвидено е Иванов и Пендаровски да имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во Кабинетот на Претседателот.
Пендаровски ќе има и билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, како и со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Предвидено е да оствари и билатерални средби и со министерот за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, со заменик министерот за надворешни на Република Турција, Фарук Кајмакчи, како и со државниот потсекретар во МНР на Република Полска, Пјотр Вавжик.
Стево Пендаровски ќе биде петти шеф на државата од нејзиното осамостојување. Пред него претседателската функција ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.
Кој е Стево Пендаровски
Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.
Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.
Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.
Извор:НоваТВ










