Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница му го врачи уверението на Стево Пендаровски за претседател на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
– Утре ќе се одржи инаугурацијата на Пендаровски за претседател
Во своето обраќање пред медиумите, по врачувањето на уверението од ДИК, Пендаровски упати благодарност до оваа институција, како и до сите други институции во државата кои учествувале во изборниот процес, за, како што рече, покажаната професионалност на високо ниво. Пендарвоски го оцени изборниот процес како успешен за државата.
„Мене ми е особено драго што на крајот на целиот изборен процес, од сите, и од набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР бевме оценети и добивме позитивни оценки. По првпат, ако не се лажам, од 90-тите наваму сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат на крајот, што се случува по 25 години во државава и е исклучително добра препорака за нас како држава што можеме во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ да кажеме дека и од овој аспект изработивме како што доликува на една држава која сака да започне преговори со ЕУ“, истакна Пендаровски.
Додаде дека Северна Македонија доби најпозитивен извештај од ОБСЕ и ОДИХР, со што, според него, државата покажа дека може да се однесува европски и институциите да бидат професионални и непартиски.
Во своето обраќање Пендаровски информираше и дека утре ќе се одржи инаугурацијата во Собранието на Република Северна Македонија, како и тоа дека потоа по примопредавањето на претседателската функција, заедно со досегашниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, во Претседателскиот кабинет во резиденцијата ќе се состанат со сите вработени во Кабинетот.
Исто така, Пендаровски најави дека на утрешната инаугурација ќе присуствуваат неколку претседатели и високи претставници од соседните држави и од регионот.
Прашан од новинарите за непотпишаните закони од досегашниот претседател Иванов, Пендаровски најави дека ќе се потруди да ги потпише уште во првите неколку дена од мандатот.
Претходно, ДИК ги објави конечните резултати од претседателските избори, согласно кои Пендаровски беше избран за шеф на државата. Според Заклучокот на ДИК за објавување на резултатите од вториот круг од претседателските избори во Република Северна Македонија, од запишаните 1.808.131 избирач во Избирачкиот список, гласале 844.360 избирачи, што во проценти изнесува 46,70 отсто.
Од вкупниот број гласови, претседателскиот кандидат поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Стево Пендаровски, освои 436.212 гласа, или 51,66 проценти, додека неговата противкандидатка, Гордана Силјановска-Давкова, која беше поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и опозициската коалиција, освои 377.713 гласа, односно 44,73 проценти од вкупниот број гласови.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април, во кој освен претседателските кандидати Пендаровски и Силјановска, учествуваше и Блерим Река, поддржан од партиите од албанскиот опозициски блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса.
Стево Пендаровски ќе биде петти претседател на државата од нејзиното осамостојување.










