Поповски: Лажните вести предизвикуваат конфликт, параноја и омраза

0
105

Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржа седница во Собранието на Република Северна Македонија на тема „Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кажа дека слободата на говорот и слободниот пристап до информации се основни човекови права, а слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество.

„Дезинформациите не само што ја нарушуваат способноста на граѓаните за донесување на издржани одлуки, туку и ја поткопуваат довербата во институциите и во дигиталните и традиционални медиуми. Неопходни се заеднички напори за сузбивање на дезинформирањето и пронаоѓање на соодветни решенија за неутрализација на неговото негативно влијание. Но, во одговорот во спречувањето на ширењето на лажни вести, треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење на извор на информации и слободата на говор, како и да се одбегнуваат мерки и активности кои можат да бидат класифицирани како цензура“, рече Мисовски.

Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност кажа дека феноменот на лажните вести го отвори прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера на начин кој е веќе алармантен.

Користејќи ја развиената технологија, дезинформациите ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.

„Во последните две години, за прв пат, после претходните 10 години, имаме повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за работата на Владата, за медиумските слободи и права. Оваа Влада обезбеди услови за гласност, а не за молк.

Клучот е во рацете на новинарските професионалци. Да се саморегулираат и да се држат до етичките и професионални стандарди. Владите и сите политички субјекти се должни да ги поддржат овие стандарди. Владата пристапи и кон измени и дополнувања на законската регулатива со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис“ рече министерот Роберт Поповски.

Извор:НоваТВ