По повод одбележувањето на Светскиот ден на слобода на медиумите, вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржаа заедничка прес-конференција на која упатија честитки за Светскиот ден на слобода на медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот Бујар Османи рече дека новинарството е темелна вредност врз која се базираат демократските и либералните општества, коешто придонесува за „унапредување на цивилизацискиот развој на човештвото“.
„Јас сум горд и задоволен за напредокот на слободата на изразување и тоа е еден важен аргумент, кој го употребуваме во Брисел и пред земјите членки на Европската Унија, за подготовка на земјите за исполнување на стандардите за почеток на преговорите“, рече Османи.
Министерот Роберт Поповски во својот говор ја повтори посветеноста дека претставниците на власта нема да се мешаат во работата на медиумите.
„Денеска, ве уверуваме, дека оваа влада никогаш нема да се меша во работата на медиумите. Оваа влада целосно ги презентира политиките пред јавноста и е максимално отворена“, рече Поповски, додавајќи дека Владата ќе направи сè што е можно, во соработка со претставниците на медиумите, да го подобри амбиентот и условите за работа на новинарите.
Министерот Дамјан Манчевски потсети дека минатата година е усвоен Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој, според него, е столб на професионализмот и деполитизацијата на медиумите.
Манчевски зборуваше и за нападите врз новинарите, при што истакна дека „сите оние кои ќе се дрзнат да нападнат новинар при извршување работа, ќе бидат казнети“.
„Од 1 јуни 2017-та година до денес, разрешени се случаите на сите напади на новинари, кои се случија по 1 јуни (2017). Во делот на нападите во 2018-та, споредено со 2017-та, и во извештајот на „Репортери без граници“ е утврдено дека три пати е помал бројот на забележани напади на новинарите при вршење на својата работа“, рече Манчевски.
Светскиот ден на слобода на медиумите беше прогласен во 1993 година од Генералното собрание на Обединетите нации и на 3 мај се одбележува насекаде низ светот.
Извор:НоваТВ











