(Дубаи – Портал) – Вистината е дека албанската опозиција ги победи албанските партии во власта, вели генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Не треба да се мешаат и да се ставаат на ист куп гласовите што ги освои Блерим Река со оние на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, изјави за ДВ актуелниот градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по оценката на Гордана Сиљановска дека со гласовите на кандидатот Река, опозицијата успеала да обезбеди предност од околу 70.000 гласови.

„Не треба да се мешаат гласовите на таков начин. Вистината е дека албанската опозиција ги победи албанските партии во власта. Ние освоивме двојно повеќе од албанските партии во владината коалиција – двојно повеќе од ДУИ, ДПА, Алтернатива… Според нашата темелна анализа тие имаат околу 40.000 гласови, вклучувајќи ги и гласовите на Албанците што гласаат за СДСМ“, вели Таравари.

Според него, изборните резултати од првиот круг говорат дека мнозинството од 80.000 опозициски гласови кај Албанците, покажале дека тие не се за консензуален претседателски кандидат.

„Идејата за консензуален кандидат е пропаднат проект. Тој се покажа како неуспешна мисија, а нејзиниот предлагач ДУИ, е партија која на овие избори е целосно делегитимирана. Имаа агресивна кампања, но се покажа дека не им врви зборот во електоратот. Гласачите не им се одзваа. Толку им е силата“, оценува Таравари.

Индикативна коалиција во Дебар

Тој смета дека на овие избори се покажало на дело и „старото пријателство на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ“. Тоа неодамна се видело по прашањето за (не)одземање на имунитетот на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски, а сега и на локалните избори. Како пример за тоа го посочува изборот на градоначалник на Дебар, единствената од трите општини која на вонредните локални избори доби градоначалник уште во првиот круг. Кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, освои 50,09 отсто од гласовите, односно 4.106 гласови, а неговиот противкандидат Арбен Аголи од Алијанса за Албанците освои 46,77 отсто од гласовите, односно 3.834 гласови.

„Во Дебар се покажа дека функционира коалицијата ВМРО-ДПМНЕ -ДУИ-СДСМ. Само соберете ги гласовите што таму ги освоиле Гордана Сиљановска и Стево Пендаровски, и автоматски ќе ја добиете бројката на гласови со која кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, победи во трката за градоначалник во првиот круг“, вели Таравари.

Mahir Demişoski