Подготвени сме да се соочиме со зголемување на притисокот на јужната граница, изјави министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Шекеринска денеска присуствуваше на НАТО-Атлетска трка која се одржа во Скопје, а по настанот одговараше на новинарски прашања. На прашањето да ја прокоментира состојбата на македонско-грчката граница откако вчера дел од бегалците во Грција се обидоа да тргнат кон Северна Македонија, таа изјави:
„Како резултат на лажни вести, еден дел од бегалците коишто биле стационирани во Грција, помислиле дека Балканската рута е отворена и поради тоа тргнале и кон нашата граница. Во текот на вчерашниот ден имавме консултации. И Министерството за внатрешни работи, пред сѐ, но и ние како негова поддршка сме подготвени да се соочиме со зголемување на притисокот на границата. Тоа покажува дека е важно да се биде буден и да се биде подготвен“, истакна Шекеринска.
„Ја следиме состојбата, меѓутоа, не случајно имаме постојано армиско присуство таму. Тоа армиско присуство продолжуваше дури и кога немавме ниту еден мигрант. Сега, се разбира дека на тоа се гледа дека бил оправдан чекор и оправдана одлука“, додаде министерката.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, вчера рече дека на јужната граница е зголемено обезбедувањето, како и тоа дека секојдневно добиваат информации од грчките колеги за состојбите во грчките кампови.
„Преку посебни планови е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Северна Македонија. Досега станува збор за група од околу 1.200 до 1.500 мигранти. Засега грчките колеги ја контролираат таа бројка, но секако дека имаме обврска да бидеме подготвени да ја штитиме границата“, изјави Спасовски.
Според информациите на локалните медиуми во Грција, откако по социјалните медиуми се појавиле вести дека европските граници за бегалците се отворени, бегалците во околината на Солун од синоќа почнале да се собираат пред кампот „Анагностопулу“ во Дивата, за да отпатуваат кон Северна Македонија.
Откако 500-те бегалци, меѓу кои имало жени и деца, почнале да се движат кон границата на Северна Македонија, интервенирала полицијата.
Полицијата врз бегалците што сакале да ја преминат границата интервенирала со солзавец и звучни гранати, а бегалците возвратиле со камења и стапови. Во настаните се повредени вкупно три лица, меѓу кои и еден полицаец, а едно лице е приведено.











