Стотици мигранти од кампот во Солун се обидуваат да влезат во Македонија
(Дубаи – Портал) – Македонската полиција ги следи случувањата на границата и во моментов ситуацијата е под контрола, смирува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Вчерашните снимки кога со употреба на солзавец грчката полиција се обиде да спречи стотици мигранти, кои го напуштија бегалскиот камп во Солун и се упатија кон границата со Македонија со цел да заминат во европските земји, ги вратија стравовите за можна нова бегалска криза, слична на таа од драматичната 2015-та.
Ситуацијата на границата е иста и денеска. Полициските службеници се обидуваат да ги присилат мигрантите да се вратат во кампот. До утринските часови на полето веќе биле поставени повеќе од 100 шатори каде што се населиле мигрантите меѓу кои има и мајки со деца, а причината за тоа е објава на социјалните мрежи на почетокот на април организирано да се помине грчката северо-западна копнена граница со Албанија.
Македонската полиција ги следи случувањата на границата и во моментов ситуацијата е под контрола, смирува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но тој не ја исклучува можноста дека некои од мигрантите би сакале повторно да профункционира западно-балканската рута.
“ Зајакнато е обезбедувањето на границата меѓу Македнија и Грција. На основа на тие податоци кои ќе ги добиеме евентуалните движења. Досега станува збор за 1200 до 1500 мигранти. Сега за сега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да бидеме подготвени да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Македонија. Ние соработуваме во овој дел и со Фронтекс и со државите од регионот и со ЕУ и ние ги следиме политиките на ЕУ за справуање со мигрантската криза. Сме подготвени да одговориме на секаков предизвик кој стои пред нас,” вели Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи.
Според првиот човек на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци , Сашко Коцев, нема простор за загриженост од нов бегалски бран во земјава.
“Состојбата е под контрола, но доколку споредиме со 2015 моите очекувања се дека тоа нема да се повтори , прво државите се многу по подготвени сега постои поголема поддршка од ЕУ во справувањето со мигрантската криза. Би споменал дека ете и на нашата јужна граница со Грција патролирааат полицајци од повеќе европски држави заедно со македонските гранични полицајци, “истакна Сашко Коцев – Директор на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МААРИ)
Трендот на илегалната миграција е во пораст, вели министерот Спасовски. Претходната година, околу 16.900 мигранти се обиделе илегално да ја преминат македонско грчката граница. Тој уверува дека заштитата на границата е добра и потенцираше дека мигрантите поминуваат по друга рута, а не по т.н. западно-балканската рута.
Mahir Demişoski









