Северна Македонија и Албанија потпишаа спогодба во областа на културата

0
122

Министерот Димитров, во рамки на неговата посета на Вашингтон, оствари средба со Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Албанија.

(Дубаи – Портал) – Република Северна Македонија и Република Албанија потпишаа Спогодба за основање културно-информативни центри во двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, министерот Никола Димитров, во рамки на неговата посета на Вашингтон, се сретнал со Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Албанија.

Во соопштението се нагласува дека Димитров и Цакај потпишале спогодба во областа на културата.

„На линија со традиционално добрите односи со нашиот сосед Република Албанија, министрите Димитров и Цакај ја потпишаа Спогодбата за основање културно-информативни центри во Република Северна Македонија и во Република Албанија“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека министерот Димитров упатил честитки до својот колега по повод десетгодишнината од членството на Албанија во Алијансата.

„Министерот Димитров уште еднаш потенцираше дека регионот може да биде просперитетен само ако сите негови држави се „успешни приказни“!“, се додава во соопштението на МНР на Северна Македонија.

Меѓу другото, Димитров во рамки на посетата на Вашингтон, остварил средба и со Филип Рикер, помошник државен секретар на САД, како и со конгресменот Брендан Бојл.

Во соопштението се вели дека министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а се истакнува оти по приемот за одбележување на 70-годишнината од формирањето на Алијансата, Димитров ќе оствари средба со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Mahir Demişoski