Денешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Република Северна Македонија е историска одредница и претставува историски чекор напред за Балканот и за Европа, порачаа на денешната заедничка прес-конференција премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, каде што пред Владата беше пречекан од премиерот на оваа земја, Зоран Заев и од владината делегација. По средбата на делегациите на двете земји, двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
Премерот Заев истакна дека денеска неговата земја за првпат во својата историја е домаќин на официјална посета на еден грчки премиер.

Заев рече дека од 17 јуни минатата година, кога двете земји го потпишаа, како што рече, историскиот Договор од Преспа, пишуваат историја во неколку наврати.
„Грција беше првата земја што го потпиша Протоколот за пристапување на Северна Македонија за членство во НАТО, нашиот стратешки стремеж. Деновиве мојот и нашиот пријател Алексис упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Тој упати повик до ЕУ да ја искористи шансата да ги порази силите на назадувањето, национализмот и за победа на политиката на напредок, мир и пријателство на народите“, истакна Заев.
Според неговите зборови, Договорот од Преспа со имплементацијата ќе го изгради пријателството меѓу двете земји и меѓу двата народа.
„Самиот Договор со неговата имплементација до стопроцентно ќе го изгради искреното пријателство помеѓу двете земји и двата народа“, изјави Заев, додавајќи дека придобивки од Преспанскиот договор имаат граѓаните на двете земји.
Заев рече дека во прилог на тоа говори фактот што за 20,7 проценти е порасната трговијата меѓу двете земји и дека се блиску до една милијарда евра трговска размена.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна дека денеска Грција и Северна Македонија потпишуваат Меморандум за разбирање за унапредување на претпристапните и пристапните процеси на Северна Македонија во Европската Унија.
„Мојата посета денеска тука е прва официјална посета на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време, изгубивме три децении, мораме да ги преминеме овие јазови, да ги премостиме“, рече Ципрас.
Тој додаде дека се обидуваат да изградат поинаков наратив за Балканот.
„Се обидуваме да изградиме нов наратив, наратив на соработка, заемно разбирање и заеднички раст. Затоа цврсто сум убеден дека успехот на овие напори и на овие потфати нема да биде успех само на Грција и на Северна Македонија, туку дека тоа ќе биде успех за целиот Балкан и за Европа“, потенцираше грчкиот премиер.
Додаде дека Акцискиот план помеѓу владите на Грција и Северна Македонија ги покрива сите сектори на соработка на двете држави.
Грчкиот премиер информираше дека со премиерот Заев и владините делегации на двете земји разговарале и за бројните регионални иницијативи за соработка, кои ги оцени како позитивни за развојот на регионот.
– Отворање нов граничен премин
Грчкиот премиер информираше дека со Владата на Северна Македонија е потпишан Меморандум за разбирање за отворање нов граничен премин по оној во Преспа, односно за граничен премин во Промахој, што според него ќе ја зацврсти соработката во поглед на туризмот, трговијата и комуникацијата на двата народа.
Ципрас рече дека со Владата на Северна Македонија разговарале за унапредување на соработката во сите важни сфери, меѓу кои се економијата, трговијата, инфраструктурата, здравството, образованието, одбраната, енергетскиот сектор и кибербезбедноста.
– „Интересот на велесилите за регионот треба да се искористи“
Во полето на одбраната, рече дека министерствата на двете земји имаат потпишано договор, што според неговите зборови претставува доказ за волјата на Грција да помогне во градењето на одбранбените можности и способности на Северна Македонија, да пренесе вештини и знаења и да ја зацврсти интероперабилноста во структурите на НАТО.
„Оваа соработка е навистина важна затоа што опфаќа повеќе сектори, обуката, одбранбената индустрија, киберодбраната, военото разузнавање, како и таканаречената воздухопловна политика којашто претставува надзор над воздушниот простор на Северна Македонија од страна на грчката авијација“, истакна Ципрас.
Запрашан да го прокоментира интересот на велесилите за регионот на Балканот, Ципрас рече: „Фактот дека има многу интерес за регионот треба да се искористи, но сите сили кои се заинтересирани за регионот мора да разберат дека луѓето на овој регион, на двете земји, имаат своја улога во одредувањето на иднината на своите земји.“
По заедничката прес-конференција Ципрас ќе се состане со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.
Во попладневите часови ќе се одржи и бизнис-форум помеѓу претприемачите од Северна Македонија и Грција на кој обраќање ќе имаат премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.








