Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев изјави дека е стопирана изградбата на минарето на Алипашината џамија во Охрид и рече дека после 5 мај, односно по претседателските избори, ќе се работи на изнаоѓање на решение за ова прашање, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска го посетија Охрид, а по одржаните средби дадоа изјава за медиумите.
На новинарско прашање во врска со Алипашината џамија во Охрид, премиерот Заев изјави дека е запрена изградбата на минарето на оваа џамија.
„Одржав средба со здружението Совест и со Дирекцијата на вакувите која што е одговорна за изградбата. Точно е дека постои конзерваторско решение за конзервација и реставрација, како што е точно дека нема одобрение за градба. Одлучивме, сензитивен период е, доаѓаат избори, Охрид е пример на соживотот и на меѓурелигиското разбирање, за ова прашање заедно на заеднички состанок после 5 мај, да седнеме во Владата и го изнајдеме решението. Законите треба да се почитуваат во државата, но истовремено да ги почитуваме и сите други околности коишто се важни за сите граѓани”, рече Заев.
Додаде дека по состанокот кој што го одржале е сопрена изградбата на минарето, како и дека прват редовни контроли.
„Дел се и цивилни контроли од делот на Владата и мојот кабинет. Сопрено е да се гради минарето, во моментот знам дека може да се прочистуваат каналите околу самиот објект којшто е во рамката на одржувањето на самиот објект. Верувам дека сите ќе ги испочитуваат своите ветувања и дадениот збор за да можеме во духот на Охрид, во духот на ова наше богаство да го најдеме решението на овој проблем”, рече Заев.
„Апелирам до сите, најмногу до вас медиумите, најмногу до граѓаните, институциите на системот и сите учесници и чинители заедно да се координира оваа работа. Во нашата земја едно општество за сите е нешто што е природно. Мултиетничка и мултирелигиска Македонија постоела низ вековите. И секогаш наоѓале и нашите предци разбирачка”, додаде премиерот.
Kонзерваторските работи и реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид, културно историски локалитет од 16. век, започнаа пред две години.
Во врска со статусот на неколку верски објекти во земјава меѓу кои и за Алипашината џамија, Исламската верска заедница (ИВЗ) во Северна Македонија неодамна писмено реагираше до Владата на Северна Македонија, истакнувајќи дека „за објектот постои соодветна и важечка градежна документација со средства обезбедени од странска донација која отежнато се користи поради бирократскиот однос на надлежните државни институции.”
Реставрацијата на Али пашината џамија се финансира од Генералниот директорат на вакуфи на Република Турција (Genel Vakiflar Müdürlüğlü).











