Претседателот на ТИКА, добитник на признанието „Повелба на Република Македонија“

0
104

„Верувам дека има една инвестиција која ги надминува сите други инвестиции, и по важност, и по трајност. А тоа е инвестирањето во децата кои се нашата иднина“, рече Иванов.

(Дубаи – Портал) – Претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, му го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на претседателот на турската Агенција за соработка и координација (ТИКА), д-р Сердар Чам, јавува Anadolu Agency (AA).

На оваа церемонија што се одржа во вилата „Водно“, учествуваа претседателот Иванов и неговата сопруга, Маја Иванова, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, претседателот на ТИКА, Чам, и други поканети гости.

Во своето обраќање пред присутните, претседателот Иванов рече дека Турците во земјата, како и Македонците во Турција претставуваат мост меѓу двете земји. Македонскиот претседател потсети дека во земјата има над 100 директни турски инвестиции во вредност од 1,2 милијарди евра, каде што се вработени околу 5.000 лица.

Иванов нагласи дека ТИКА во земјата реализирала над 900 проекти со вредност од околу 60 милиони евра. „Но како претседател, професор и татко, верувам дека има една инвестиција која ги надминува сите други инвестиции, и по важност, и по трајност. А тоа е инвестирањето во децата кои се нашата иднина“, додаде тој.

– ТИКА спасува детски животи

Иванов истакна дека со донација на ТИКА во 2013 година е отворен првиот Детски ургентен центар во државата.

„Под водство на мојот пријател, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во изминативе неколку години ТИКА поддржа уште една многу важна иницијатива зад која застанавме со мојата сопруга Маја. А тоа е обновувањето на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести. 85 отсто од децата на овој оддел се новороденчиња. Голем дел од нив се предвреме родени деца, кои буквално се борат за живот. Благодарение на инвестицијата на ТИКА, стотици деца имаат шанса да живеат здрав и нормален живот. Со сето тоа што го прави, ТИКА спасува детски животи“, додаде Иванов.

Според претседателот Иванов, покрај во здравствениот сектор, ТИКА инвестирала и во образованието на младите. Иванов рече дека ТИКА низ земјата реставрирала, изградила, и опремила околу 40 училишта.

Иванов нагласи дека инвестирајќи во здравјето и образованието на децата, ТИКА заедно со многу други одговорни организации и институции ја обезбедува не само нивната, туку и иднината на земјата.

Претседателот Иванов рече дека оваа Повелба е едно „големо благодарам” од оние кои ја почувствувале солидарноста на пријателскиот турски народ.

„Затоа, како претседател, ми претставува големо задоволство да ѝ се заблагодарам на ТИКА, а со тоа и на Република Турција, за инвестирањето во нашите деца, во нашата иднина“, додаде Иванов.

Претседателот на ТИКА, Сердар Чам, рече дека денес доживува многу емотивен и значаен ден поради тоа што доби признание од претседателот Иванов и неговата сопруга, кои, според него, се блиски пријатели на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговата сопруга, Емине Ердоган.

„Секогаш чувствував голема среќа поради анганжманот во овие места. Но, по добивањето на ова признание, свесен сум дека имам дополнителна одговорност. До крајот на мојот живот, ќе бидам многу среќен за тоа што ќе бидам во служба на оваа држава и овој народ“, нагласи Чам.

Според Чам, Иванов извршил значајни работи и во неговата земја и во регионот, и посака овие добри работи да продолжат.

Чам укажа на различните проблеми кои се случуваат во светот, како тероризам, масакри, глад. „Сметам дека вредните граѓани на овие простори со нивната вкоренета историја и минато имаат уште многу важни пораки кои би ги упатиле до целиот свет“, рече Чам.

Претседателот на ТИКА упати благодарност до Иванов поради доделувањето на ова признание, коешто рече дека го добил во име на Република Турција, турскиот народ и ТИКА.

Mahir Demişoski